На 24 април 2023 година (понеделник) познатата индиска актерка Раџшри Дешпанде во Битола одржа предавање на тема „Раскажување на приказни преку филм“. Пред присутните Раџшри зборуваше за своите актерски почетоци и како започнала нејзината кариера во светот на уметноста. Во рамки на настанот беше организирана средба со директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски и Менче Хаџи-Коста Милевска од 3D Кино Битола.
Модератор на настанот беше д-р Весна Милевска. Настанот беше организиран од Меѓународен Славјански Универзитет во соработка со Центарот за култура Битола, 3D Кино Битола и Киноверзум.
Раџшри Дешпанде е индиска актерка која стана популарна со нејзината улога во филмот „Лути индиски божици“, а нејзината серија Trial by fire беше број 1 на Нетфликс во Индија. Својата актерска кариера ја започнала во театар, играјќи во претстави низ Индија, студирала право и работела во маркетинг пред да започне да се занимава со актерство. Освен нејзината актерска работа, Дешпанде е силен застапник за правата на жените. Таа е основач на фондација која се фокусира на зајакнување на жените преку образование и претприемништво.
Сите учесници добија Благодарница за учество.


