На Меѓународен Славјански Универзитет се одржа свечен настан посветен на одбележувањето на Кинеската Нова Година – Година на Огнениот Коњ, кој донесе вечер исполнета со музика, култура и пријателство. Настанот се одржа во амфитеатарот на универзитетот и претставуваше значаен момент на културна размена и зајакнување на пријателските односи меѓу македонскиот и кинескиот народ.
Гостите на настанот беа поздравени од претседателот на Управниот одбор на Меѓународен Славјански Универзитет, проф. д-р Јордан Ѓорчев, кој им посака топло добредојде на присутните и ја истакна важноста на меѓународната соработка, културниот дијалог и меѓусебното почитување на традициите.


Во рамки на програмата беа одржани повеќе обраќања од истакнати гости. На присутните им се обратија градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, амбасадорката на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Н.Е. Џјанг Шјиаојан, претседателот на Македонско-кинеското друштво, Љупчо Маленков. Во своите говори тие ја нагласија важноста на културната соработка, пријателството и продлабочувањето на врските меѓу двете земји.

Посебен белег на вечерта даде концертот на Мандолинскиот оркестар „Свети Николај“ од Свети Николе, кој со својот настап придонесе за свечената атмосфера и ја збогати програмата со музички изведби што беа топло прифатени од публиката.
Настанот помина во исклучително пријатна и свечена атмосфера, потврдувајќи ја улогата на Меѓународен Славјански Универзитет како простор каде што се негуваат културната размена, меѓународното пријателство и заедничките вредности.

