Институтот за култура и уметност е основан во 2011 година во рамки на Меѓународен Славјански Универзитет во Свети Николе. Од своите почетоци па сè до денес, Институтот се истакнува со богата и континуирана активност.
Претежна дејност на Институтот е научно-истражувачката и едукативната дејност, дејностите од областа на културата и уметноста, издавачката дејност, како и афирмацијата на творечките вредности создавани во наставно-научниот процес на МСУ.
Нашата програма вклучува конкурси за сите генерации. Конкурсот за средношколски есеи го организираме заедно со официјалната издавачка куќа на МСУ – Меѓународниот центар за славјанска просвета, а заедно со МСУ и Здружението на студенти на МСУ спроведуваме ликовни и фото конкурси. Конкурсот за афоризам и карикатура „Јас, Итар Пејо” е наменет за професионални карикатуристи и афористичари, а на нашите фестивали доделуваме и награди за долгогодишно творештво во областа на поезијата, хумореската и сатирата.
Во 2019 година учествувавме во отварањето на првото универзитетско 3D кино во земјава – Киноверзум, со капацитет од приближно 300 седишта, редовен репертоар и две до три проекции дневно. Киноверзум денес прерасна во единствениот македонски ланец на кина. Преку Киноверзум, Институтот активно ги следи глобалните трендови во кино-индустријата, вклучително и со присуство на меѓународни настани како CinemaCon во Лас Вегас.
Заедно со Здружението на студенти на МСУ и Градскиот аматерски театар „Сцена 71″ имаме подготвено над 15 театарски претстави, кои се играат во големиот амфитеатар на МСУ пред публика од речиси 300 луѓе, а самостојно го организиравме и меѓународниот театарски фестивал „Билазора”. Дополнително, од 2025 година започнавме да го градиме Алтернативниот театар „Пробатон“. Организираме и изложби на уметници од земјава и странство, ликовни колонии, концерти и музички настани со гости од регионот, како и креативни работилници за ученици и студенти на теми поврзани со маркетинг, психологија, уметност и музика.
Сите активности на Институтот се нераскинливо поврзани со неговата научно-истражувачка дејност. Настаните, конкурсите, филмските проекции и театарските претстави истовремено претставуваат и истражувачка платформа преку која систематски се собираат податоци за публиката, културната партиципација и однесувањето на потрошувачите во културата – преку набљудување, анкетни истражувања, анализа на посетеност и нетнографски методи на социјалните мрежи. Добиените сознанија се предмет на научна обработка и се објавуваат во рамки на издавачката дејност на Институтот, а резултатите од истражувањата директно се имплементираат во планирањето и унапредувањето на идните програмски активности – од изборот на репертоар и формати, до дизајнот на конкурсите и едукативните содржини.
На тој начин Институтот функционира како жива лабораторија во која научната теорија и културната практика взаемно се надградуваат, обезбедувајќи дејност заснована на докази и континуиран придонес кон научната мисла во областа на културата, уметноста и однесувањето на публиката.
Институтот за култура и уметност останува отворен за соработка со сите поединци и организации чии идеи се во согласност со нашите дејности.